За Театар Чекори

Биографија: Отворена Сцена Театар „Чекори“

Театар „Чекори“ постои 49 години и со својата долгогодишна дејност има реализирано низа престстави, во самостојна продукција, но и со поддршка на Општината Гази Баба, Градот Скопје и Министерството за култура на Република Македонија. Театар „Чекори“, ја задржува својата традиција да изведува дела кои не се досега изведувани, или многу ретко, на театарските сцени во Македонија, и на тој начин го продолжува одамна започнатиот процес на континуирано истражување и спојување различни култури и светови, поставување различни жанрови за сите генерации и прертставување непознати, но значајни автори од театарската дејност од Европа и светот.

 Во рамките на реализацијата на претставите учествуваат актери со долгогодишно искуство на сцената на Театар „Чекори“, но и на други сцени и во други домени на културното живеење, и млади луѓе кои дебитираат на театарската сцена, кои се едуцираат, забавуваат и ги истражуваат и освојуваат новите универзуми на театарот.

За Боре Ангеловски

Пред повеќе од шест децении, во далечната 1959 година, во Народниот театар во Велес, започнува театарската активност на Боре Ангеловски, денес афирмиран и познат како неуморен трудбеник во сите подрачја на театарската уметност и еден од најистакнатите и најупорните афирматори на сценскиот аматеризам кај нас. Во тоа време Боре Ангеловски настапува како актер со ролји во професионалниот ансамбл на Народниот театар од Велес, но уште од самиот почеток од својата работа тој пројавува најголем интерес за Младинската сцена и нејзините потенцијални можности. Неодоливо привлечен од потенцијалите на младиот состав на Младинската сцена, тој, посветувајќи се исцело набргу станува нејзин основен пулс, личност што се втиснува во не и што ја обележува со своите интересирања и определувања за театарската уметност.

Пројавувајќи голема упорност и доследност во сопствениот развиток и во работата со колективот на Младинската сцена, Ангеловски набргу доаѓа и до првите признанија-веќе во 1963 година, на Републичките аматерски смотри добива награда за ролјата ДЕБЕЛИОТ БРОДОЛОМНИК во драмата „На морската шир“ од Славомир Мрожек, тогаш млад полски автор без чии наслови не можеше да се замисли европската сценска авангарда. За истата ролја Боре Ангеловски добива награда и на сојузниот фестивал на аматерите во Хвар.

Името на Боре Ангеловски, меѓутоа, пошироко познато станува следната година кога тој на Младинската сцена ја поставува пиесата „Чекајќи го Годо“ од Семјуел Бекет, нобеловец и класик на европската театарска авангарда. Гледано од оваа временска дистанца со право можеме да констатираме дека тоа било претстава на еден човек што и вдахнал живот и трајност. Зашто во оваа претстава Боре Ангеловски ја презентира својата универзалност и подготвеност да се зафати со сите пројави на сценската уметност: тој е режисер, толкувач на главната ролја Владимир-Диди, сценограф и костимограф.

Претставата се здоби со афирмација во пошироката јавност, а нејзиниот млад автор со репутација на осмислен истражувач во лавиринтот на модерната театарска уметност, човек повеќестрано подготвен и со изграден вкус, за кој истражувањето не е авантура, туку барање патоказ до вистинските врвови на уметничката креација.

Можеби и затоа Бекет станува трајна преокупација на Боре Ангеловски. Во 1967 и 1977 година ја поставува пиесата „Крајот на играта“, а во 1970 „Последната лента на Крап“. Внимателниот набљудувач овде ќе открие еден мошне интересен континуитет во интересот и постапката на уметникот. Најпрвин доаѓа драмата „Чекајќи го Годо“, потоа следува „Крајот на играта“, и најпосле „Последната лента на Крап“.

Значи, Боре Ангеловски во случајов се јавува како вонреден толкувач на Бекетовото дело кон кое пројавува вонредно активен и автентичен сензибилитет. Оттаму и неговото латентно интересирање за современата драмска литература-Бекет, Мрожек, Радзински, Јонеско, Борхерт, Вајс…

Во 1966 година беше укинат Народниот театар во Велес, а со тоа и Младинската сцена. Боре Ангеловски и групата ентузијасти околу него, меѓутоа, не се помирија со новонастаната ситуација, туку веднаш се договорија за начинот со кој ќе ја продолжат својата работа.

Така се роди идејата за формирање Младинско драмско студио во Велес. Боре Ангеловски е негов основач, уметнички раководител и режисер.

Се чини дека е вистинска штета што примерот на Боре Ангеловски со формирањето на Младинското драмско студио, не го прифатија повеќе средини во Републиката, зашто тоа е извонредна форма не само за популаризација на театарската уметност, туку и на културата воопшто.

За да се оствари една ваква програма во Студиото, Боре Ангеловски мораше да ги проширува и сопствените видици, да пронаоѓа форми со кои ќе ги заинтересира членовите за многуте видови и можности на сценското и актерското дејствување, а најпрво со сопствениот пример. Покрај работата во студиото, Ангеловски започнува да настапува и на програмата на Радио Велес. Како радио реализации посебно остануваат забележани „Дванаесетмината“ од Александар Блок и „Сонетен венец“ на Прешерн.

Во  1974 година, Младинското драмско студио ја прекинува својата дејност, а Боре Ангеловски со дел од ансамблот преминува во Скопје каде што во Домот на културата „Кочо Рацин“ го формира Театарот „Чекори“ кој и денес успешно работи.

Се чини дека токму во „Чекори“ доаѓа до израз творечката зрелост на овој истакнат театарски уметник кој во аматеризмот ја ноаѓа смислата и содржината на едно своевидно живеење со сценската уметност.

Интересно е овде да напоменеме дека Боре Ангеловски покажува афинитет и за театарот за деца. Уште во Велес има режирано и адаптирано за потребите на радио програмата низа емисии, а еве, во „Чекори“ е реализиран еден мошне привлечен репертоар за деца во кој се појавуваат и наслови од училишната лектира што му обезбедува посебен интерес. Позабележителни претстави од овој жанр се „Поздрави некого од Огненовиќ-Пешиќ, „Гуливер меѓу куклите“ од Спачил-Пехр, „Оливер Твист“ од Дикенс, „Шамокло и Августина“ од Настасиевиќ и други.

Со сево ова досега речено ни приближно не се заокружени резултатите и целокупниот опус на Боре Ангеловски за четириесет и пет годишното негово ангажирање во уметничкото осмислување на драмскиот аматеризам кај нас. Едно е сигурно. Боре Ангеловски има многу направено за тоа во аматерската уметност да се избегнат дефектите на професионалниот театар, а тој да го бара својот автентичен израз на кривулестиот пат од ентузијазмот до креацијата.

За овие пет децении во творечкиот лик на Боре Ангеловски гледаме една вонредно надарена личност што консеквентно го формирала својот вкус и определување за театарската уметност, еден автентичен уметнички сензибилитет на кој му е присушт експериментот и ризикот, зашто најчесто преку нив доаѓа до сопствените врвни резултати.