Рецензии
С о т и р Т р а ј к о в - за „Симфонија на паѓањето“ 2017 год.
Кон новата камерната претстава „ Симфонија на паѓањето“ , во продукција на Отворената сцена Театар Чекори
„ Симфонија на паѓањето“ , во Џебното кино, беше можност да се види компактната петчлена театарска екипа на „ Чекори“ , која игра и при тоа знае како да го пласира текстот и песните, а се снаоѓа вешто и со мизансценот на малечката сцена во Џебното кино.
Што е слобода?
Не за кого/каде е речено, туку за кого /каде е печено. Во тој дух, потписникот на редовите што следуваат го избра своето славеничко светилиште за Светскиот ден на театарот, годинава. Ми беше во план , еден друг град, еден друга нова сцена, на која се славеше и се љубеше театарот, но го избрав Театарот Чекори. Зошто? Заради искрениот, ентузијастички, иновативен/ експериментален пристап, што го познаваме од порано, а не го гледаме често на нашите сцените. Во „ Чекори“ се негува толку посветено како да се професионалци , оти љубовта кон театарот и слободата во изразот се нивен заштитен знак.
Што е слобода?
Публиката влегува додека членови на Театарот Чекори ги читаат меѓународната и домашната порака по повод Светкиот ден на театарот . Особено интернационалната порака, која годинава ја упати големата француска, филмска и театарска актерка Изабел Ипер, со својата должина обврзува барем 15 минути читање и слушање. Ако на ова се додаде и пократката, но не помалку изискувачка за читање и слушање, домашна порака, од костимографот, режисер и директорот на НТ Битола, Благој Мицевски, тогаш секој наш гледач кој на 27 Март 2017 беше отишол в театар знае дека речиси половина час од најавениот почеток, претставата не почнала . Е, токму таа слатка нервоза и нестрпливост кај публиката, младите театарски ентузијасти од „ Чекори “ успешно ја заобиколија, давајќи им слобода на своите гледачи , собрани во Џебното кино на Младинскиот културен центар, да изберат што и колку ќе доживеат од пораките, во зависност кој од нив, во која минута доаѓа и дали веќе седнал на столчето или решава од нога да ја следи изведбата поради ограничениот капацитет во Џебното кино. Конечно , така се заштеди секогаш драгоценото време и не се амортизира вниманието на публиката уште на стартот.
Што е слобода?
Да се раскрилиш, да го претставиш творештвото на Данил Иванович Јувачов Хармс, големиот руски детски поет, раскажувач и драматичар- жртва на Сталиновиот режим и еден од предвесниците на европската драма на апсурдот, низ неговиот апсурдистички израз и приказ на светот и векот, отелотворен во песните, расказите и друга кратка проза. Да започнеш со Декларацијата од 1928 година на неговото т.н. Здружение за реална уметност- ОБЕРА У, осудено во 30 тите години на 20 век како реакционерно, зашто делувало наспроти интензивната централизација на тогашната советска култура и оградите што ги наметнал социјалистичкиот реализам во уметноста , а да завршиш со Русија паф ! (паѓа), како силна метафора за падот на вредностите за кои се борел и жртвувал Хармс , но и со коментар за падот на работничка класа денес, заробена во канџите на неолиберализмот и конзумеризмот . Да го прикажеш тоа со доза на партизански бунт, низ театар во театарот на Хармс, кој по примерот на настапите на ОБЕРАУ се доближува до циркусот како форма. Да направиш камерен театар за бесмислата на животот, со многу смисла и со политички и социјално ангажирана порака. Токму такви се претставија потомците на Боре Ангеловски, основачот на Театарот Чекори. По неговата смрт во 2009 година, екипата продолжува да работи, но членството полека се осипува. Матичната сцена во Домот на културата „ Димитар Влахов“ во Автокоманда сега е срушена, зашто се гради нов Центар за култура , па малата, но одбрана екипа во меѓувреме настапува каде што ќе најде. Но, важно е дека опстојува. По премиерната изведба во Салонот 19/19 при КИЦ, во почетокот на Декември 2016, прикажаната прва реприза на „ Симфонија на паѓањето“ , во Џебното кино, за мене беше можност да се види компактната петчлена театарска екипа на „ Чекори“ , која игра и при тоа знае како да го пласира текстот и песните, а се снаоѓа вешто и со мизансценот на малечката сцена во Џебното кино. А, актерите ем високи, ем крупни… Со чиста дикција, со креации и трансформации , какви што налагаше драматизацијата врз творештвото на Хармс и според неа направените физиономии , без преглумување, но со потребниот интензитет во говорот, извиците, криците и без и еден фалш во пеењето , тие прикажаа независен театар кој според високо поставените стандарди за работа и резултат , слободно може да се споредува со професионалниот.
Што е слобода?
Да имаш екипа на која и веруваш, која ја режираш , одбираш за неа костими и музика, правиш сценографија… А, соработката со останатите е неизоставна и сите заедно „ горите “ во име на театарскиот чин. Токму тоа слободарско чувство и одговорност се препознаваат кај Петко Костовски и неговите „ Чекори“. Маја Ѓурчевска, девојка која со особената појавност и актерски талент може да ја посака секој домашен професионален театар. Виктор Петрески , кој не се штеди ни со гласот, ни со телото како инструмент , комичен, но и доволно фарсичен за да ги доживееме жестоко како гледачи, апсурдот, инфантилноста и бесмислата на постоењето, напишани од Хармс. Зорица Стоименовска , со убаво на некласичен начин лице, кое „ плаче“ за да биде поставено пред камера, а во претставата инвентивна во доловувањето на лудоста и детската невиност во светот на Хармс. Кирил Наумоски, момчето за се : игра, дофрла реплики како суфлер, свири на усна хармоника, пее со останатите, пушта музика од компјутер, а ги изработил и реквизитите . И Петко Костовски , произлезен од шеширот на Боре Ангеловски . Тој ја понесува тежината на творечкиот чин зашто ја режира , а во исто време и игра во претставата „ Симфонија на паѓањето“. И тоа го прави без задршка, предавајќи се исцело, но и оставајќи простор за неговите соборци да се покажат.
Што е слобода?
Публиката се предава на творечкиот чин и реагира спонтано на слатко –горчливиот хумот. На крајот долго ракоплеска и никој не си оди од сопчето на Џебното кино, иако по скоро час и половина изведба, нема доволно кислород во просторот . Театарот Чекори ја отсвири својата „ Симфонија на паѓањето“. Но не падна, напротив, успешно се држи на нозе и се вивнува во нови театарски височини. Само напред момци и девојки! Светскиот ден на театарот не можеше да биде посвечен и послободарски интониран со вашата симфонија. А, вашата изведба , уште еден показ за театарот како вечен извор и трагање по слободата. Таа, толку насушно потребна слобода за нас , денес.
Т о д о р К у з м а н о в - за „Скица за театар“ 2008 год.
По релативно подолго време, Отворената Сцена Театар „Чекори“ и режисерот Боре Ангеловски, повторно се враќаат на познатата дестинација. Се враќаат дома. Боре Ангеловски, кој важи за театарџија со најголемо искуство кога е во прашање бардот на апсурдниот театар-ирецот Бекет, својата кариера ја обогатува токму со истиот автор.
„Скица за театар“ е еден исклучителен театарски настан: млади луѓе, под искусната режисерска палка на Ангеловски ја ткаат приказната за современиот живот и човек, во која нема разбирање, туку единствено асоцијации, атмосфера, тон и боја. Црна. Барем кога е во прашање Бекет. Од неговите сценски вообличени стихови во драмска визија, како клучен момент ја издвојуваме репликата за тоа дека Раѓањето е имено Смрт! Зошто и како? И повторно сме на теренот на фактите-не е важен одговорот на прашањата, туку величието на генијалниот Бекет е во тоа што ги поставил. И така ја зезнува историјата на цивилизацијата. Веднаш до него тука е и нашиот режисер кој на еден чуден начин комуницира со него како да се родени браќа. Ирецот Бекет и велешанецот Ангеловскисе сретнуваат на неутрална територија-во Париз! Шмекот и тонот на претставата го даваат токму „Седумте варијации на Сена“ во инзвонредна танцова интерпретација на младата Наташа Петкова. Браво.
Тоа што фасцинира во оваа сценска визија секако е неслутената моќ на младите актери, без исклучок да се справат со тешката, морбидна и депримирачка лектира на аскетот Бекет, за кого неговиот единствен биограф вели дека тој бил аскет, но аскет што силно сакал жени и виски! Апсурдните стихови „чекорците“ ги изговараат со таква убедителност, што просто може да се позавиди! Просто не верувам дека на светов и веков постои друга слична ситуација. Тоа е лекција за тоа, како сé би можеле да изгледаат и да прозвучат театарските работи кои живот значат. Овде, јадот и бедата се вградени исконски и од тоа-бегање нема! Всушност, клошарите под мостовите на Сена воопшто не се разликуваат од своите собраќа на скопската железничка станица или евентуално под Камениот мост на Вардар.
Според својата аналитика и студиозност, претставата треба да се игра и да се гледа. Едноставно наречена „Скица за театар“, таа израснува во систем за театар. Особено на овој батален балкански простор. Новиумот на театарските случувања како и многупати до сега, доаѓа од страна, од маргините. Тука не станува збор за декадентната Европа, туку за чекорот на „Чекори“ од две милји пред неа. Значи не станува збор за примање на некого некаде, туку за давање некому нешто. Импровизација нема! За да дадеш-треба да имаш: ум, концепт, идеја, сила!
Б о р е А н г е л о в с к и - за „Кралот умира“ 2005 год.
Ве довикуваме,
О, вие живи смртници, – публико! О, вие присутни и отсутни на оваа претстава! И вие кои жалите, и ве жалат. Се смеете!… Бидете стрпливи, бидете великодушни, појдете со нас во сказните на едно Јонесково кралство на изумирање и предсмртно крунисување – кралство пред смрт.
Бидете член во поворката од принудната смрт на крал Беранже I, неговото кралство и кралување, зад кој параван се кријат лицата на Лекарот и Маргарета кои го принудуваат кралот да потоне во покој, да се вовлече во себе, да исчезне од споменот, – во името на државата, во интерес на светот.
Неговите предсмртни восклици се:
– Цел свет нека изумре, ако е потребна мала жртва, – само јас вечно да живеам, па ќе бидам великодушен и сите смртници ќе ги зачувам во споменот.
Да видите како се кршат лицата кога е во прашање нечиј или некаков интерес. Најпосле, секогаш е така меѓу живите, таков е светот! Тоа е свет по кралска мера, со бесмртност на кралиштата.
Повелете во синтаксишко – морфолошката игра на зборови на Јонесковото перо, на оваа шекспиријада од варијации, – меѓу изветвените но така сочни и вистинити софизми.
Повелете на оваа наша трагедија и сочувајте ја за вечни времиња во споменот!
Повелете!
М а р т и н Л а з а р е в с к и - за „Уште еднаш за Моцарт и Салиери“ 2004 год.
„Уште еднаш за Моцарт и Салиери“, како уште една варијација на вечна тема извлечена од исконот и довлечкана денес пред нашето вџашено сознание за вистината која сепак постои! Вистина, која плачно ни раскажува за крвавите борби на контрастите: младо-старо, ново-архаично, обично-генијално… ставајќи ги на кантар човековите особини: од една страна: желбата да си над некого, односно стравот да си под некого, и на друга страна – моќта да го совладаш противникот, односно немоќта да се совладаш себе си.
Пред нас се две личности: Моцарт и Салиери како музичари, Моцарт и Салиери како актери, како лекари, како адвокати, новинари, пилоти, морнари, работници, Моварт и Салиери како обични луѓе „што се туркаат по трамваите, кои зјапаат во телевизорите, и грицкаат семки по стадионите…“, две мултипликации на човечното и човечкото, кои војуваат меѓусебе во арената „театар во театар“ – што е најголемиот театар! односно во маскарадата „живот во живот“. Единственото оружје им се материјата и духот кои, како неми сведови, надвиснале некаде во просторот и времето наметнувајќи прашања… безброј прашања… безброј „одговори“… Кој е Моцарт во нашите животи?… Каде длабоко во нас е закопан Салиери?… Дали ние сме нечиј Моцарт?… Дали совеста Ви е чиста?!…
Повелете на соучесништво!!!
Б о р е А н г е л о в с к и - за „Џон и Џо“ 2004 год.
… двајца животни сопатници… секојдневно на исто место истовремено се сретнуваат… во крчмата на еден крчмар… за да ги одживеат… средбите по кодексите на здодевноста… како јас – ти… ти – јас… јас во тебе… ти во мене… тој – тие… некои меѓу нас… и така заедно… одживувајќи ја монструозната вистина на животот… јас сонувајќи те тебе како сонуваш… ти сонувајќи ме мене како сонувам… како вечна преокупација на човековото битие… кое постои и суштествува… во времето и просторот… повелете на взаемна средба… со вечната вистина на оваа… апсурдна… плачна… рапсодија… б… а…
Т о д о р К у з м а н о в - за „Теагеритројатрија“ 2002 год.
С И Р О М А Ш Т И Ј А – И Н В Е Н Ц И Ј А
„Теагеритројатрија“ е претставата откритие или полн погодок во изборот на текстовите, актерите, реквизитот и сé друго за да се направи едно зачудно, оригинално и особено инвентивно сценско собитие. Овој театарски чин комуницира со самата суштина на творештвото на Хармс (руски авангарден писател од дваесеттите години на минатиот век). Во претставата се одлично инсценирани (и исто така актерски изведени) многубројни таинствени исчезнувања на луѓе, несреќни случаи (како паднати од небо), неверојатни и неповрзани настани, убиства, тепачки и притоа сето тоа преку режискиот ракопис на Ангеловски доведено до пароксизам. Гротескните ликови и ситуации нема да бида препуштени на нивната историска димензија туку ќе се трансформираат во ликови од денешни дни. Така тие – ликовите, ќе ги бараат своите играчки во форма на шприцеви, дози, шмркање (наркоманија) и слично на тоа, штоп гледачите (претежно млада публика на премиерната изведба) воопшто не ги остава рамнодушни. Тука треба да се бара и основниот квалитет и вредност на оваа постановка – комуникацијата со современиот гледач. Виртуозните актерски партии на непрофесионалните актери?! продуцираа овации и аплаузи на отворена сцена, претставата дишеше со полнокрвно темпо и ритам. Едноставните, но ефектни сценски решенија, го одразуваат режискиот ракопис на Боре Ангеловски, кој е автор со посебен сензибилитет за апсурдот потврден многупати до сега со постановките на дела од Бекет. Инаку да споменеме дека на сцената на театарот „Чекори“ пред петнаесетина години беа поставени и две други дела од Данил Хармс: „Елисавета Бам“ и „Елката на Иванови“, така што со оваа последна постановка оваа алтернативна театарска сцена ја легитимира својата стратешка позиција за истражување и експериментирање во доменот на театарскиот израз. Убав пример за тоа како сиромаштијата (во поглед на техничките средства) се надополнува со неслутена инвенција која скоро да нема граници и констатирана многу одамна, на пример, при реализацијата на Бекетовата пиеса „Сите кои паѓаат“ на сосем празна/пуста сцена!
Во програмчето за претставата добивме информација дека во неа „игра кој ќе стигне“, а стигнуваат младите и надежни кадри како што се на пример: Маре Ѓорѓијовска, Јуле Стојчевска, Марија Лопарска, Рубин Меновски, Златко Митрески, Јасна Ѓоргиевска, Љупчо Сердарски, Драган Петковски, Божидар Јововиќ, Мартин Лазаревски, Зоран Димитриевски и други…
„Теагеритројатрија“ како илустрација на тоа „како една нова идеја го изненадува човека, доколку не е подготвен за неа“ е ново и оригинално театарско случување кое е вистинско освежување во македонската театарска понуда.
А н д р е ј Г л и ш и ќ - за „Елисавета Бам“ и „Радио октомври“ 1986 год.
P R O F E S T U M P E R A N I M A
Беглиот осврт на продукцијата на театарот „Чекори“ парадигматски ни набележува еден современ пристап кон сценскиот јазик, дијахронски хомологен на захтевите на рецепциентот.
Навидум неконвенционалната сценска реторика, поетски е градена со сета своја виртуелност – вредност на пласираните тропи /метонимии, метафори, синегдохи…/, укажува на згусната интелектуална храна наменета за вистинските патешественици во храмот на Талија.
Токму, херменеутиката на театарскиот белег, поткрепена со целосната асистенција на субјектот-рецепциент, во претставите на театарот „Чекори“, претставува креативен чин и од онаа страна на рампата. Нотираните секвенци, мајсторски кодирани, кога ќе се здобијат со призвукот на неконвенционалното, по складирањето на Јунговата банка на архетипи, се преточуваат во денотирани симболи артикулирани со активната игра на фантазијата и разумот.
Она што нé воодушевува во игроказите на ваквиот театар, сакале ние или не, се секавичните пресврти во дескрипцијата кога дистинктивните реплики во моментот се дијалогизираат и се сретнуваме со мултипликативното читање на содржински текуштото во рамките на повисоките структури, без да ја нарушува кохерентноста во корпусот на драмскиот дискурс на предложеното четиво.
„Елисавета Бам“ на рускиот художественик Данил Хармс, како драматуршка предлошка опсесивно го иритираше ансамблот на театарот „Чекори“ да се завземе за едно, условно речено, ирелевантно збиднување набиено со апсурди, со парадокси на времето на општество во распаѓање и декаденција, па преку експликативните минијатури во рамките на радиксот ни го опцртува гнилежот на буржоаското општество пред револуцијата која надоаѓа.
Не е случајно, што режисерот Боре Ангеловски, „Елисавета Бам“ ја користи како пролигомена, која како претходна напомена нé воведува во следната едночинка „Радио октомври“ од Владимир Мајаковски.
Со ваквата апликација во рамките на обата текста, она левијантното од „Елисавета Бам“, кое до некаде е пролонгирано и во „Радио октомври“, како пролог не воведува во отуѓеноста и безперспективноста на индивидуата во класното општество што всушност е и непосредна последица, односно епилог, при подвижување на масите.
Доколку артистите успеат да ви ја доловат атмосферата и ако Ви е по волја – Ad libido – учествувајте во последната сцена, бидејќи таа е наша!